АХВ

Бабовски ги отфрли обвинувањата на Трипуновски

01.10.2023 15:52

Небезбедниот јогурт со зголемено присуство на афлатоксин е вратен во Србија. Директорот на АХВ, Бабовски ги отфрли обвинувањата на Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ. Вели, она што е на рафтовите во продавниците е контролирано од институциите…

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, ги отфрли тврдењата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оти од Србија во земјава бил увезен канцероген пробиотски јогурт. Двете пратки од овој јогурт, како што денеска на прес-конференција изјави Бабовски, се веќе вратени во Србија.

Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите два дена, оти Агенцијата за храна и ветеринарство дозволила увоз и пуштила во промет штетни млечни производи, Бабовски ги оцени како собирање ситни политички поени, манипулација и злоупотреба на чувствата на граѓаните.

Сепак, оттаму и денеска тврдат дека директорот е тој што манипулира, оти, како што велат, Бабовски не прикажал ниту еден доказ, ниту еден конкретен демант.

Сметаат дека сериозна власт ќе презентирала конкретни докази дека постапката е согласно закон.

Афлатоксинот е токсин што се развива во мувла и е неуништлив термички, што значи дека ќе остане присутен во млекото. Затоа е важно да биде во дозволените количини.

Катерина Топалова