Свет

Терористички напад во Турција, бомбаш самоубиец активирал експлозив во Анкара

01.10.2023 16:07

Експлозија и престрелки во центарот на Анкара. Бомбаш самоубиец активирал експлозив, повредени се двајца полицајци. Ердоган нападот го оцени како терористички чин…

Експлозија и престрелки изутрина го нарушија мирот во Анкара. Бомбаш самоубиец активираше експлозив пред зградата на Министерството за внатрешни работи. Само неколку часа по самоубиствениот напад, во Парламентот пристигна и турскиот претседател Ердоган. Нападот го оцени како терористички чин.

„Како резултат на навремената интервенција на нашите безбедносни сили изутрина, акцијата во која беа неутрализирани двајца убијци е последен чин на тероризмот. Тежнееја да ги нарушат мирот и безбедноста на граѓаните, но не успеаја во своите планови. Никогаш нема да успеат“, нагласи турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Терористите пристигнале со возило пред влезот на министерството. Едниот од нив успеал да го активира експлозивот, а другиот бил убиен подоцна во престрелка со безбедносните сили. Во инцидентот се повредени и двајца полицајци.

„Околу 9 часот и 30 минути по локално време, двајца терористи кои со мало возило пристигнале пред влезот на Генералната дирекција за безбедност на МВР извршиле бомбашки напад. Еден од терористите се разнесе, а другиот терорист е неутрализиран. При престрелката на отворено, двајца наши полицајци беа полесно ранети. На нашите херои им посакувам брзо закрепнување“, изјави Али Јерликаја, министер за внатрешни работи на Турција.

По барање на канцеларијата на главниот обвинител на Анкара, турскиот суд одобри привремен молк во известувањето за нападот, додека трае официјалната истрага.

Бојана Крстевски