Европа

Расте бројот на жртви во пожарот во ноќен клуб во Шпанија

01.10.2023 16:15

Најмалку 13 лица загинаа, а неколкумина се повредени откако избувна пожар во дискотека во шпанскиот град Мурсија. Властите стравуваат оти бројот на жртвите ќе расте, бидејќи многумина се водат како исчезнати…

Чад, вресоци и паника изутрината го разбудија шпанскиот град Мурсија. Популарниот ноќен клуб „Фонда“ беше проголтан од пламените јазици. Набрзо потоа огнената стихија ги зафатила и двете соседни дискотеки.

„Забележавме чад во објектот и почнавме со евакуација. Се чини дека соседната дискотека гореше, па пламенот се префрли“, вели еден очевидец.

Брзата помош и другите служби трагаат по лица кои се водат за исчезнати и биле во просториите на клубот во моментот на несреќата.

„За жал, имаше жртви. Оттогаш, формиравме и тим од психолози во спортската палата за поддршка на семејствата. Се соочуваме со катастрофа“, изјави Хозе Анхел Антело, потпретседател на Мурсија.

Хоспитализирани се неколкумина поради вдишување чад. Пожарот избувнал околу 6 часот по локално време. Властите велат дека бројот на жртвите може да се зголеми.

Маја Стојанова