Куновска: Прво ја претставувам Македонија, а потоа јас како автор

26.05.2014 14:48

Потоци кои ја виткаат змијата во нас и таа станува убавица. Песнарки на умот. Чудесни тајни што треба да се одвиткаат. Тоа се платната на Јана Куновска. Тоа се приказните од нејзината изложба во Културно информативниот центар...

Ликови како во некој фантастичен еротски стрип. Чудесни. Допири исполнети со магија. Потоци кои ја виткаат змијата во нас и таа станува убавица. Песнарки на умот. Чудесни тајни што треба да се одвиткаат. Тоа се платната на Јана Куновска. Тоа се приказните од нејзината изложба во Културно информативниот центар.

„Овие дела се изработени пред неполна година. Во нив се занимавам со човекот. Тука има една мала асоцијација на стрип, а тоа може да се забележи во каталогот, изработен од Владимир Манчевски. Тој ја нарече изложбата ОДБЛЕСОК НА ГЛУВИТЕ и ми го надополни целиот систем на сликите како еден хоризонт. Навистина се работи за секојдневни обични приказни кои се постојано присутни во нашиот живот, но ние ги занемаруваме“, објаснува Куновска.

Скопската публика ја памети по нејзината изложба „Игра со карти“ поставена пред три години во истиов простор. Тогаш Куновска ни го прикажа светот преку игра и комуникација. Преку симболи за откривање на вистината.

„Во минатото се занимавав со симболизам и со философија која на луѓето им е напорен. Тешко време е и затоа решив да не ги оптоварувам луѓето со философски размисли. Исто така и рамките на овие слики асоцираат на нашето секојдневие. Тие се едноставни, но не треба да ги занемаруваме“, додава Куновска.

Системот на зрелост се стекнува уште во раната возраст. А понатаму се отвораат само нови светлини и нови хоризонти.

Јана Куновска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Забележани се нејзините самостојни изложби на престижни странски ликовни сцени.

„Јас сакам нашите автори да ги види целиот свет. Досега сите мои ликовни презентации ги правев во национални галерии во странство. Притоа, на прво место ја претставував Македонија, а потоа јас како автор“, истакнува Куновска.

 

Лидија Мешкова