Филхармонија ја отвора новата концертна сезона со врвниот виолинист Барнабаш Келемен
Овој четврток со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја отвори новата концертна сезона насловена „80 години-Љубов!“. Првиот концерт е насловен „Будење“ и како солист ќе настапи еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена – Барнабаш Келемен од Унгарија, а диригенти е Бенџамин Шварц од Израел/САД...

На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Бела Барток и Извадоци од балетот „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.
Бела Барток (1881 – 1945) е еден од најпознатите унгарски композитори (воедно пијанист и етномузиколог) и еден од најзначајните композитори на 20 век. Тој е еден од основачите на етномузикологијата, антропологијата и етнографијата во музиката. Во неговиот опус препознатлива е инспирацијата од фолклорното мелодиско богатство, а познат е и по неговите едиции за музичкиот фолклор. Посветен е на виолинистот Золтан Шекељ, кој му предложил на Барток да биде во три става, наспроти идејата на композиторот да биде во еден. Токму Шекељ и го извел делото премиерно во Амстердам (1939), со оркестарот на Концертгебау. Бела Барток во ова дело останал верен на својот препознатлив стил и самиот велел дека не мора по секаква цена да се изрази како модернист. Се вратил на тоналитетите и за сите три става избрал решенија блиски на традицијата.
Балетот во три чина, според Шекспировата трагедија „Ромео и Јулија“, една од најубавите и најчитани драми во светската литература е лирска музичка приказна за трагичната љубов на двајцата главни протагонисти видена од специфичниот агол на препознатливиот музички сензибилитет на рускиот композитор Сергеј Прокофјев. Многу композитори напишале балети и опери инспирирани од приказната за двајцата несреќни љубовници кои на трагичен начин ќе ѝ стават крај на нетрпеливоста меѓу нивните семејства – Монтеки и Капулети. Сепак, Сергеј Прокофјев бил првиот композитор кој создал вистински шекспировски балет – еден од најдобрите во 20 век. Музиката на Прокофјев овозможила автентично танцово обликување на Шекспировото дело и неговите ликови кои преку моќниот звук и кореографија добиваат сосема нова димензија.
Виолинистот Барнабаш Келемен ги освои најпознатите концертни сцени во светот со својата виртуозна техника и динамика, како и со страсниот изведувачки стил. Различен и со отворен ум, тој важи за исклучителен солист и камерен музичар, како и уметнички директор на фестивали и професор на водечки музички институции. Добитник е на значајни награди и признанија, а досега има снимено 20 албуми за престижни продукциски компании, од кои 17 се соло, а три со неговиот квартет. Во моментов работи како професор на музичката академија „Лист“ во Будимпешта и на универзитетот во Келн. Барнабаш Келемен свири на виолина „Џузепе Гварнери“ од 1742 година, која му е дадена на користење од државата (Унгарија).
„Бенџамин Шварц е сензација. Со неговата чиста енергија, перфектна техника во комбинација со мотивиран оркестар, тој успева да продуцира возбудлив и култивиран звук“. Ова се дел од зборовите со кои критичарите го опишуваат харизматичниот диригент Бенџамин Шварц, кој, како што оценуваат, „има јасна визија во своите интерпретации“. Овие квалитети заедно со широкиот репертоар на дела произлегуваат од неговата постојано присутна желба за истражување и проширување на индивидуалните звучни хоризонти. Од 2013 до 2016 година работи како музички директор на Филхармонискиот оркестар на Вроцлав, Полска. Репертоарот на Шварц го рефлектира неговиот антидогматски, отворен однос кон програмата и делата од различни епохи и стилови – од делата на Џон Адамс до Малер, Брамс, Барток.
Во неговата дискографија се делата од Алберт Шнелцер кои ги сними со Симфонискиот оркестар на Готенбург, делата на Поул Рудерс со Симфонискиот оркестар на Оденсе и музиката на Васо Мендонца со оркестарот на Гулбенкиан.
