Интервју на премиерот Груевски за Кинеската ТВ
Македонија е навистина еден вид „порта“ кон Европа
Македонија е навистина еден вид „порта“ кон Европа. Се обидовте да се приклучите кон Европската Унија и НАТО, но наидовте на блокада од Грција, а спорот со името е голем проблем. Грција не го прифаќа името Македонија затоа што во северна Грција има територија со истото име. Тие на ова гледаат како на територијална сопственост преку самото име. Каков е ставот на Македонија околу ова и до каде е спорот со името?
-Пред 22 години кога Македонија стана независна земја, нашиот јужен сосед Грција го отвори прашањето околу името. Името на земјата, нацијата и јазикот. Сите се обидуваме да најдеме решение околу овој спор, зашто тоа е единствената причина зошто Македонија не е членка на НАТО и зошто Македонија во 2009 година не ги започна конечните преговори за целосно членство во Европската Унија, а да немаше такви проблеми денес ќе бевме дел од ЕУ. Поради проблемот со нашиот јужен сосед Грција, кој е дел од тие организации и има право да стави вето, нашето членство беше одложено. А во меѓувреме, со поддршка од Обединетите Нации, ние се обидуваме да го решиме овој проблем.
Гледате ли некакво решение на повидок?
-Не можам да кажам дека има сериозен напредок. Нашиот јужен сосед има сериозни проблеми во нивната земја, тие имаат сериозни финансиски и економски тешкотии. Концентрирани се на себе и не се доволно фокусирани на овој проблем. За нас ова е најголем проблем кој сакаме што поскоро да се реши, но очигледно не е така за нив.
Кој е моментално најголемиот предизвик на Македонија?
-Кога дојдовме на власт невработеноста беше многу висока, изнесуваше 38%. Сега е околу 28%, значи помала за 10%. Тоа е најголемиот предизвик за нас, но со оглед на тоа дека ја намаливме за 10% во период на глобална економска криза и европската должничка криза е солиден резултат. Сакаме да привлечеме стабилни инвеститори, домашни и странски, кои би отворале свои компании во Македонија и би вработиле луѓе.
Гледате ли светло на крајот на тунелот, кога станува збор за кризата во еврозоната?
-Во изминатиот период имавме позитивни чувства околу европската должничка криза. Ако го поврземе тоа со нашата економија, можам да кажам дека во првиот квартал имавме пораст на БДП од 2,9%, а во вториот квартал БДП порасна за 3,9%. А тоа е добро, позитивно е. А ова е еден доказ дека работите во еврозоната и Европската Унија се подобруваат.
