СБ: Зголемен извоз за повисок економски раст
Македонската економија годинава ќе порасне за 3, а идната за 3,5 проценти – оценува СБ во последниот редовен економски извештај за земјите од ЈИЕ. Нотиран е раст на извозот и на странските инвестиции, зголемување на вработеноста. Потребни се структурни реформи за справување со се уште високата стапка на невработеност...

Извозот расте, се намалува трговскиот дефицит, се зголемува приливот на странски инвестиции. Македонската економија годинава ќе забележи раст од 3, а наредната од 3,5 проценти – оценува Светската банка (СБ) во последниот извештај за регионот. Потребни се дополнителни структурни реформи во делот на пазарот на трудот, јакнење на врските меѓу извозниците и домашните компании, дополнително подобрување на бизнис – климата. Градежништвото останува главен двигател на домашното стопанство.
„Растот на македонската економија, споредено со другите земји од регионот, во 2013-та беше многу силен. Во првата половина од годината Македонија имаше највисока стапка на економски раст, за до крајот на годината да заврши со втора највисока стапка. Причина за ова беше закрепнувањето на индустриите и добрата земјоделска година. И за годинава прогнозираме доста силен раст“, изјави Доерти Доемланд, економист од Канцеларијата на СБ во Скопје.
Невработеноста се намалува, но се уште е многу висока, особено меѓу младите. Фирмите имаат тешкотии да најдат работници со соодветни вештини. Дополнително, нефункционалните заеми го отежнуваат кредитирањето, кое забрзало само во Македонија и во Црна Гора.Во делот на фискалната политика, од СБ сметаат дека таргетираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти е важен за одржување на стабилноста.
„И јавниот долг и долгот на централната влада се уште во подносливи рамки, тие се значително под регионалниот просек кој се движи околу 50 проценти. Сметаме дека е се уште многу важно, Владата да остане во рамките на долгорочната фискална рамка која ја зададе минатата година, и буџетските таргети во оваа рамка, на среден рок, би го стабилизирале нивото на долгот“, додава Доемланд.
Според Извештајот, економиите во ЈИЕ закрепнуваат од рецесијата, а регионот годинава ќе оствари стапка на раст од 1,9 проценти. Сепак, поплавите негативно ќе влијаат на растот. Колкаво ќе биде тоа влијание, од СБ велат - тешко е да се каже.
Мартин Пушевски
