Пациенти тврдат дека нема лекови на Онкологија
Пациенти кои со години се лекуваат велат дека на Онкологија нема терапија. По неколку часа чекаат да стигнат на ред, а таму одговор дека лекот се потрошил. Пред камерата на МТВ посочуваат дека со непримање терапија - болеста прогресира. Министерот Меџити е запознаен со состојбата на клиниката. Директорката го информирала дека нема лек за новодијагностицираните.

Сопругата на Фуад Елези утрово не ја прими терапијата на Онкологија бидејќи од Гостивар им рекле да не доаѓаат додека не им се јават дека го има лекот. Вели, ако не прима Авастин редовно, ја чека крај на живот. Веќе пет месеци лекот час го има, час го нема, метастазите се прошириле на белите дробови.
Кога Елизабета утрово стигнала на клиниката ѝ рекле дека има терапија Фезго. Неколку часа чекала да стигне на ред. Но, место терапија, добила одговор дека лекот се потрошил. Исто беше во петокот и деновите претходно. А ни беше ветено дека ќе има терапија-вели Елизабета Ристовска.
Таа вели, немањето терапија придонело канцерот од дојка да метастазира на белите дробови. Пред година дена требала да прима Херцептин, но лекот го немало. Терапијата ѝ била одложувана седум пати. Лекот требало да ги блокира клетките на канцерот, без него болеста се проширила.
Министерот за здравство знае дека нема лекови на Онкологија.
Онколошките пациенти остануваат да го чекаат повик од Клиниката, да им кажат дека има терапија и да не поминуваат секој ден стотици километри.
Наташа Јанчиќ-Менковски
