евроинтеграции

Западен Балкан треба да се интегрира во ЕУ, заедничка изјава на шефовите на дипломатиите на Хрватска, Австрија и Словенија

02.10.2023 12:43

Западен Балкан треба да се интегрира во ЕУ бидејќи тоа е најдобриот начин да се стабилизира ситуацијата во тој дел од европскиот континент, се наведува во заедничката изјава на шефовите на дипломатиите на Хрватска, Австрија и Словенија. Радман, Шаленберг и Фајон го поздравуваат новиот пристап кон проширувањето на ЕУ. За Македонија клучно за следните чекори велат е да ги донесе потребните уставни измени …

Министерката за надворешни и европски работи Фајон, австрискиот министер за меѓународни прашања Шаленберг и хрватскиот шеф на дипломатијата Радман во заедничка изјава со осврт на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан, досегашните предизвици и идните чекори на државите од регионот и на Европската унија. И покрај ветувањето на Брисел од пред дваесет години, Западен Балкан сè уште е пред вратата на Унијата. Процесот на проширување се одвиваше со побавно темпо и со помалку видливи и опипливи резултати од очекуваното, што доведе до разочарување и отуѓување од ЕУ, пишуваат тројцата дипломати. Во случајот со Македонија тројцата едногласни дека клучно е донесувањето на уставните измени.

„Во Македонија, следните чекори зависат од способноста на земјата да ги донесе потребните уставни измени. Последниот случај е потсетник дека земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан треба да играат одговорна улога и да се воздржат од вметнување билатерални проблеми и спорови, кои не се поврзани со процесот на пристапување. Ние треба подинамично да се ангажираме со земјите од Западен Балкан, тие навистина да го почувствуваат отчукувањето на срцето на Брисел“ - стои во колумната на европските дипломати.

Иако сè повеќе се признава дека политиката за проширување е најмоќниот инструмент за стабилизација на ЕУ, целосното спроведување на реформите останува од суштинско значење. Фајон, Шаленберг и Радман сметаат дека треба да се преземат неколку конкретни чекори без дополнително одлагање.

„Европската унија мора да ги отвори преговорите за пристапување во ЕУ со Босна и Херцеговина до крајот на годинава, Црна Гора мора да продолжи на својот реформски пат кон ЕУ, преговорите со Албанија и Македонија треба да напредуваат“ - едногласни Фајон, Шаленберг и Радман.

Нашите партнери од Западен и источен Балкан ја заслужуваат оваа можност, а граѓаните на ЕУ ќе имаат корист од поголема стабилност и просперитет надвор од сегашните граници на Унијата. Проширувањето не е една од многуте опции, тоа е геостратегискиот императив на денот, велат во заедничката изјава тројцата дипломати.

 

Милчо Велески