Киев домаќин на состанокот на европските шефови на дипломатиите
Киев домаќин на состанокот на европските шефови на дипломатиите, прв вон границите на Унијата. За Украина ова е историски настан и порака за пружена рака. ЕУ бара САД да ја преиспита одлуката и да ја продолжи поддршката...

Откако владата на САД усвои закон за привремено финансирање со кое актуелната воена помош за Украина ја направи неизвесна, во Европа се вклучи црвениот аларм. Киев е домаќин на состанокот на европските шефови на дипломатиите – прв надвор од границите на Унијата. За Украина ова е историски настан и порака за отворено пријателство.
„САД донесе одлука каква што донесе. Работиме со двете страни на конгресот да се увериме дека тоа нема да се повтори под ниедни околности. Не мислиме дека поддршката од САД е нарушена, зошто САД се свесни дека проблемот е многу поголем од самата Украина“, изјави Дмитро Кулеба – министер за надворешни работи на Украина.
И од ЕУ очекуваат Вашингтон да ја преиспита одлуката.
„Оваа војна има длабоки последици за целиот свет но, за нас европејците, тоа е егзистенцијална закана. Можеби ширум светот тоа не го гледаат така, но за нас е! Затоа мораме да ја продолжиме поддршката, и да разговараме со нашите американски сојузници да ја преиспитаат одлуката“, изјави Жозеп Борел – висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Американскиот претседател Бајден повика конгресот да го одржи зборот.
„Тие рекоа дека ќе ја поддржат земјата на посебно гласање. Под никакви околности не можеме да дозволиме да се прекине американската поддршка за Киев“, изјави Џо Бајден – претседател на САД.
За Франција состанокот во Киев со 27 европски министри за надворешни работи е исклучителен дипломатски гест. Германија потенцира дека местото на Украина е во унијата.
„Иднината на Украина лежи во Европската унија, во нашата заедница на слобода и таа наскоро ќе се протега од Лисабон до Луганск, со секое село, со секој метар што го ослободува Украина“, рече Аналена Баербок – германски министер за надворешни работи.
За Шпанија, мировната формула на претседателот Зеленски е најдобрата основа за мир. Во меѓувреме, холандскиот министер за надворешни работи, Слот повика на одговорност за Русија за воените злосторства и воената агресија. Побара дополнителни санкции за Москва.
Бојана Крстевски
