Образование

Сите учебници за шесто одделени ќе бидат доставени до крајот на неделата, најави Шаќири

02.10.2023 14:44

Почна доставата на учебниците за шесто одделение, министерот Шаќири очекува до крајот на неделата да бидат доставени сите учебници, а доколку се јави потреба ќе побара од економскиот оператор доставата да продолжи и за викенд. Во текот на минатиот месец, Шаќири посочи дека биле доставени повеќе од 80 насто од учебниците...

Во училиштата почна доставата на учебниците за шесто одделение и се очекува до крајот на неделата сите ученици да добијат книги. Министерот за образование Шаќири посочува дека доколку има потреба од економскиот оператор, ќе побара дистрибуцијата да продолжи и во текот на викендот.

„Мојата изјава на почетокот на учебната година беше дека до крајот на септември, почетокот на октомври сите учебници ќе бидат доставени. По тоа што се случи минатата година немаше оптимизам дека ќе се постигне тоа. Ме радува фактот дека денеска во дел од училиштата има достава на учебници од шесто одделение и тоа ќе продолжи и во наредните денови. До крајот на неделата очекувам сите учебници да се достават“, изјави министер за образование и наука, Јетон Шаќири.

Шаќири, не гледа одговорност кај себе поради тоа што вториот месец од учебната година почна без учебници. Вели, доцнењето на постапките не зависеле од него.

„Секој одобрен учебник доаѓа од Националната комисија за учебници. Доколку постои задоцнување на постапката од страна на Министерството за образование и наука, одговорноста е на министерот. Сите учебници што се одобрени од страна на педагошката служба, веднаш се издадени со договор за нивно печатење. Одговорност поради тоа што одреден учебник има жалбени постапки од страна на авторите или во постапката, не зависи од министерот“, рече Шаќири.

Во текот на септември биле доставени повеќе од 80 насто од учебниците во училиштата. Според Шаќири за прв пат по 10 години се дистрибуираат учебници во гимназиското образование, а по 13 години има достава во стручното образование.

Андријана Ѓурческа