ШТИП

Иселувањето во источниот регион од државата во пораст, се иселуваат цели семејства

02.10.2023 18:31

Средношколците со желба да студираат во странство, студентите со план за кариера надвор од државата. Се помал број првачиња и ученици во основните училишта. Ваква е сликата во источниот регион од државата, каде иселувањето на најпродуктивниот дел од населението е во пораст...

Градовите и селата на истокот се празнат, се иселуваат цели семејства, а желбата за иднина надвор од државата е најизразена кај младите. Истражувањето на Правниот факултет на УГД, во кое се вклучени средношколци од вардарскиот и источниот регион, покажува зголемена тенденција за студирање и работа во странство, од 13 насто пред пет години, до 21 процент годинава.

Миграцијата заради студирање во странство многу лесно станува трајна миграција, вели професор Стојановски, раководител на истражувањето.

Иселувањето најмногу се чувствува во училишните клупи. Секоја генерација првачиња е помалубројна од претходната, во најголем дел од селата бројот на првачиња годинава се брои на прстите од една рака.

Во Кочани се запишани 206 првачиња, што е намалување за 37 проценти од ланската генерација, во Виница има 113 првачиња, 13 насто помалку од лани. Во Штип од евидентираните 582 деца, во училишните клупи седнаа 423.

 

Славица Величковска