Српската војска делумно се повлече од границата со Косово
Европскиот парламент на вонредна расправа за ситуацијата на северот на Косово. Од Брисел соопштија дека одговорните за нападот во Бањска мора да се соочат со правдата, а покрај кривичната, треба да се утврди и политичка одговорност...

Европскиот парламент на вонредна расправа за ситуацијата на северот на Косово. Се очекува на крајот на месецот да биде усвоена резолуција. Од Брисел соопштија дека одговорните за нападот во Бањска мора да се соочат со правдата, а покрај кривичната, треба да се утврди и политичка одговорност. Српската војска делумно се повлече од границата со Косово.
„Српската армија го зголеми своето присуство во копнената безбедносна зона на 25 септември, беа распоредени 8.350 војници. Во овој момент таа бројка е 4.500“, изјави генерал Милан Мојсиловиќ – началник на генералштабот на војската на Србија.
Претседателот Вучиќ, изјави дека Курти ќе продолжи со прогон на Србите. Истакна дека Србија е последната земја на која и се потребни инциденти. Белград бара поголемо присуство на КФОР на северот од Косово.
„Добро е да се обезбеди дополнително присуство на единиците на КФОР на Косово во областите каде што живеат Србите за да се обезбеди нивната безбедност во одредена мера“, изјави Милош Вучевиќ - министер за одбрана на Србија.
Косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала-Шварц, претходно изјави дека распоредувањето на српските трупи потсетува на однесувањето на Русија пред инвазијата на Украина.
