Трајановски: Подготвени сме да се справиме со евентуалното невреме попладнево
Надлежните апелираат да не се фрла смет во канализациските одводи...

Македонија е во состојба на готовност за евентуално ново невреме попладнево. Надлежните екипи се на терен. Критични точки, според градските власти, се клучката кај Континентал и подвозникот кај Стоковната куќа Мост.
„Во пресрет на најавеното невреме за денеска со моите колеги градоначалници се договоривме сите скопски општини да ги активираат своите кризни штабови и да се вклучат во активностите за расчистување на евентуалните последици. Сметам дека сме подготвени да се справиме со последиците од евентуалното невреме“, рече градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Надлежните апелираат да не се фрла смет во канализациските одводи.
Екипите на Град Скопје, на сите јавни градски претпријатија, во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за транспорт и врски, работеа до раните утрински часови за да се отстрани насобраната вода на критичните точки и да се овозможи нормален проток на сообраќајот.
Досега штети пријавиле 90 граѓани, со кои било контактирано синоќа и денеска. Општините Гази Баба, Центар и Аеродром се најпогодени од синоќешното невреме што го зафати главниот град.
