Дезинфекција, дезинсекција и дератизација по поплавите во соседството и кај нас
Поради синоќешното невреме во Скопје и поплавите во соседството, Комисијата за заразни болести донесе препораки за заштита на населението од можни заболувања. Поплавени се подрумските простории на три скопски градинки и на Детската клиника...

Дезинфекција, дезинсекција и дератизација – препорака од здравствените власти. Комисијата за заразни заболувања ќе превенира евентуално ширење на болести од поплавеното соседство.
„Прва преземена мерка е да се поделат дезинфекциони средства во количество од три ипол тони на сите јавни здравствени установи во државата, но и на установите кои во текот на вчерашмното невреме во Скопје беа поплавени“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Контрола и хигиенски мерки на граничните премини и на сите коридори во земјава, прскање против комарци во сите општини, индивидуална заштита од штетници и инсекти поради можноста од појава на западно нилска треска. Засега нема заболени ниту во Србија ниту кај нас.
Прим. д-р Јованка Костовска од Министерство за здравство препорача: „Зголемена будност на целото население со зголемена лична хигиена и општи мерки за безбедност-безбедна вода за пиење, безбедна храна и колективни мерки за хигиена во сите објекти“.
Надлежните денеска информираа дека по синоќешното невреме во Скопје настрадале подрумите на Детската клиника, како и на градинките „Срничка“, „Наум Наумовски- Борче“ и „Раде Јовчески- Корчагин“.
„Освен претходниот дефект од пред неколку дена кога пукна цевка и се излеа фекална вода во детската градинка Раде Јовчевски Корчагин, сношти таа беше поплавена од дождовите во Скопје. Денеска работниците и вработените овде го расчистуваа просторот.“
Двете градинки во центар се затворени. Децата ќе се вратат кога ќе биде безбедно.
Соња Стојановска
