Украина

Зеленски очекува покана од ЕУ до крајот на годинава

03.10.2023 12:11

Зеленски очекува покана од ЕУ за влез на Украина до крајот на годинава. Киев подготвен да го исполни својот дел од работата. Неформалниот состанок и во Киев е јасна порака за посветеноста на унијата кон Украина-истакна европскиот шеф на дипломатијата Борел, додавајќи дека Украина догодина би можела да добие пет милијарди евра преку Европскиот фонд за мир. И од Белата куќа повторно ја истакнаа поддршката за Украина. Од Кремљ одговараат-заморот од конфликтот ги стига земјите во светот. На терен се водат жестоки борби...

Украинскиот претседател Зеленски повика на политичко единство и подготвеност на земјите членки на ЕУ да го забрзаат пристапот на неговата земја во блокот. Додаде дека победата на Киев ќе зависи од постојаната соработка.

„Украина дефинитивно ќе го исполни својот дел од работата, но многу е важно и од страна на унијата да постои слична подготвеност за политичка одлука за почеток на преговори“, изјави украинскиот претседател, Володомир Зеленски.

Неформалниот состанок меѓу Брисел и украинскиот државен врв во Киев ја покажа јасната посветеност на европското семејство – оцени европскиот шеф на дипломатијата Борел.

„Предложив нов билатерален повеќегодишен пакет во рамките на Европскиот мировен фонд, до пет милијарди евра за следната година. Се надевам дека ќе успееме да постигнеме договор пред крајот на годината, кога земјите членки треба да се договорат за ревизија на повеќегодишната финансиска рамка“, изјави Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Од белата куќа повторно ја истакнаа поддршката за Украина и ги повикаа републиканците да престанат со игрите за да се заврши задачата.

„Нема оправдување за нова криза. Мора да престанат овие игри. Зад Украина стои многу силна меѓународна коалиција. И ако Путин мисли дека може да нè победи, тогаш греши. Наскоро со помошта за украинскиот народ ќе се потврди континуираната поддршка“, изјави Карин Жан-Пјер, прес-секретар на Белата куќа.

САД досега одобрија четири контингенти помош за Украина. Од Кремљ велат-премореноста од конфликтот влијае врз земјите во светот.

„САД ќе продолжат да бидат директно вклучени во конфликтот, но ние постојано укажуваме-заморот од овој конфликт, од крајно апсурдното спонзорство на режимот во Киев ќе расте во различни земји, вклучувајќи и во САД“, изјави Дмитри Песков, портпарол на претседателот Путин.

На терен-жестоки борби. Украинската одбрана информираше за тричасовните руски напади. Тврдат дека собориле 29 дронови и крстосувачка ракета. Москва обвини за употреба на забранетите касетни бомби на руска почва во областа Брјанск, при што се оштетени неколку куќи.

 

Бојана Крстевски