Костени - плодови на есента
Овој плод има многу богата нутритивна и енергетска вредност поради која им се препорачува на децата, спортистите, трудниците и старите лица...

Пристигна есента а со неа и омилените есенски плодови – костените. Овој плод има многу богата нутритивна и енергетска вредност поради која им се препорачува на децата, спортистите, трудниците и старите лица. Костенот е богат со минерали, витамини Б-комплекс, како и витамините А и Ц. Тие се сочувани за време на готвењето бидејќи дебелата кора ги заштитува. Костенот содржи и калиум, фосфор, магнезиум, сулфур, хлор, бакар, железо и манган.
Исто така, костенот е единствениот јаткаст плод кој содржи витамин Ц. Како оревите и бадемите, костенот на содржи глутен. Костенот е необично богат со фолна киселина, која обично се наоѓа во лиснатиот зелен зеленчук. Фолната киселина е неопходна за раст на клетките, синтеза на ДНК и нормална работа на нервниот систем.
Мононезаситените масти го штитат кардиоваскуларниот систем и помагаат при намалување на високиот холестерол. Костенот помага при бубрежни и стомачни тегоби, а може да се користи и за исфрлување на вишокот вода од организмот.