ЕП ќе расправа за нападот на Косово
Иако состојбата полека стивнува, напнатоста во Косово и натаму е очигледна. Откако, Белград повлече дел од трупите на, како што велат, административната граница, Вашингтон бара и официјална потврда за прераспределбата на војската. Шефот на српската држава Вучиќ во интервју за Си-Ен-Ен тврди дека Курти планира прогонување на Србите, косовскиот премиер за босански медиум му возврати: Путин преку Белград го одвлекува вниманието од Украина. Европа повикува на дијалог...

Вонредна расправа за состојбата на северот на Косово. Се очекува на крајот на месецот да биде усвоена резолуција. Од Брисел соопштија дека одговорните за нападот во Бањска мора да се соочат со правдата, а покрај кривичната, треба да се утврди и политичка одговорност. Српската војска делумно се повлече од границата со Косово. Состојбата се следи од Вашингтон, но со доза на сомнеж.
„Српската армија го зголеми своето присуство во копнената безбедносна зона на 25-ти септември, беа распоредени 8.350 војници. Во овој момент таа бројка е 4.500“, изјави генерал Милан Мојсиловиќ, началник на Генералштабот на војската на Србија.
„Ги видовме извештаите дека Србија повлече воен персонал и опрема од границата. Сè уште не се потврдени и бараме дополнителна потврда. Секако ова е добредојден чекор. И натаму сме загрижени поради кругот на растечки тензии и спорадичното насилство во северно Косово. Ги повикуваме двете страни да се вратат на дијалогот воден од Европската унија“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Претседателот Вучиќ во изјава за Си-Ен-Ен изјави дека Курти ќе продолжи со прогон на Србите. Вели дека за време на владеењето на Курти имало 427 инциденти врз Србите и дека 10 насто од населението веќе заминало од северно Косово. Белград бара и мировно решение, но и поголемо присуство на КФОР. Министерот за одбрана вели дека истото оружје го имаат и српските и косовските безбедносни сили.
„Добро е да се обезбеди дополнително присуство на единиците на КФОР на Косово во областите каде што живеат Србите за да се осигури нивната безбедност во одредена мера“, изјави Милош Вучевиќ, министер за одбрана на Србија.
Претходно, во емисија за босански медиум, премиерот Курти оцени дека инцидентот во Бањска е обид на Русија да отвори нов фронт на Балканот за да се одвлече вниманието од војната во Украина.
Зоран Богатинов
