Варшава

Министерката Петровска на безбедносен состанок во Варшава

03.10.2023 12:42

Колективната одбрана на НАТО мора долгорочно да се справи со последиците од војната во Украина, истакнаа учесниците на безбедносниот форум во Варшава. Министерката за одбрана Петровска истакна дека и земјава била цел на хибридни напади по донацијата на оружје за Украина, но таа ќе продолжи до кога ќе биде потребно. И западниот Балкан е несигурен поради војната на европско тло, па мора да продолжи евроинтеграцијата како стабилизирачки фактор, став на словенечкиот министер за одбрана Шарец...

Европа се соочува со конвенционална војна, но и со кибернапади и дезинформации што се насочени кон земји членки на НАТО кои и помагаат на Украина. Северна Македонија беше цел на вакви напади по донацијата на оружје за Украина, истакна министерката за одбрана Петровска на безбедносниот форум во Варшава.

„Во последнава година и неколку месеци од оваа северна Македонија испорача над 10 донации на оружје и опрема на Украина. Вкупната вредност на донацијата е околу 60 проценти од годишниот одбранбен буџет. Подготвени сме да продолжиме со ваков и друг вид поддршка на Украина, сè додека е потребно“, изјави Славјанка Петровска-министерка за одбрана.

Донациите на оружје и опрема на Украина ги испразнија капацитетите на алијансата, па затоа мора да се зголеми производството на воената индустрија, посочи претседавачот на воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер.

„Интегрирана противвоздушна одбрана е дел од капацитетите што ни се потребни поради војната во Украина. Во наредните 10 години повеќето сојузници ќе ги зголемат инвестициите за противвоздушна одбрана, но и на системите, сензорите, командната контрола и капацитетите за складирање вакво оружје“, изјави роб Бауер-претседавач на воениот комитет на НАТО.

За зголемување на безбедноста на западниот Балкан и за намалување на нападите од Русија и влијанието на Кина, мора да има проширување на Европската унија, оцени словенечкиот министер за одбрана.

„Членството во НАТО на Северна Македонија и Црна Гора е одлично, но треба да се комплетира и со членство во ЕУ. Оти присуството на Европската унија во западниот Балкан е најдобар лек за сите тензии во регионот“, изјави Марјан Шарец-министер за одбрана на Словенија.

Последиците од војната во Украина ќе се чувствуваат уште долго време и затоа НАТО треба да се подготви за долгорочна поддршка на Украина, заклучија учесниците на дискусијата за војната во Европа и колективната одбрана на НАТО на Варшавскиот безбедносен форум.

 

Ирина Гелевска