Ракомет

Лино Червар: Металург ќе биде помлад и посилен

26.05.2014 16:57

Металурзите со лесен триумф без тензии и неизвесност, само ја ефектуираа предноста од двомечот со Вардар и го вратија шампионскиот пехар во своите витрини...

Металург не дозволи чудо и последниот дуел за теоретска потврда на шестата домашна титула во Битола против Пелистер го направи формалност.

Металурзите со лесен триумф без тензии и неизвесност, само ја ефектуираа предноста од двомечот со Вардар и го вратија шампионскиот пехар во своите витрини.

Слатка одмазда и враќање на гордоста за мирен период до септември во кој ќе имаат време за одмор но и за подготовки, анализи и за формирање на посилен состав, а не непријатни квалификации пред новите предизвици во Лигата на шампионите.

По двете последовни четвртфиналиња во престижната европска конкуренција, зошто да не се размислува и за историско место во завршницата меѓу најдобрите четири во Европа.

Со Лино Червар најверојатно како предводник . Со стратегот кој не сака да губи и кој се вгради комплетно во четири од шесте првенствени ѕвездички плус трите во купот и две двојни домашни круни во неговите пет успешни години во Металург.

„Најубава година,бевме меѓу осумте најдобри екипи во Европа и тоа од квалификациите. Ја заслуживме титулата, мислам дека оваа година игравме најдобро и ова е голем резултат за клубот и за сите што работат во него. Им благодарам на сите, на спонзорот кој го следеше нашиот проект и секако најмногу честитки до моите ракометари. Горд сум што го водам Металург, кој следната сезона ќе биде и помлад и посилен“, изјави Лино Червар по триумфот над Пелистер во Битола каде што Металург го подигна шампионскиот пехар од домашното првенство.