Омбудсманот ќе го истражува случајот со 17-годишното момче со аутизам
Народниот правобранител ќе го истражува случајот со 17-годишното момче со аутизам во психијатриската болница „Демир Хисар“. Лекарскиот конзилиум тврди пациентот бил соодветно медицински третиран…

По наводите на мајката за нехуман третман на нејзиниот 17-годишен син кој бил со аутизам примен во Психијатриската болница во Демир Хисар, народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива за испитување на случајот. Омбудсманот ќе бара од надлежните институции да се направи надзор над работата на болницата и информации како детето било третирано. Државниот советник во Народниот правобранител Бајрамовска-Мустафа вели дека не добиле директна претставка од родителот.
„Ќе бараме од надлежните органи да се направи надзор над работата на установата и секако ќе побараме соодветни информации за наодите на родителот изнесени преку медиумите за начинот на којшто детето беше третирано додека било сместено во установата“, изјави Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител.
Народниот правобранител уште лани ги критикуваше условите во кои се сместени лицата во Психијатриската болница во Демир Хисар, велејќи дека не смее да се дозволи нехуман однос или сместување пациенти во несоодветни услови. МТВ побара став од директорката, доктор Ивана Кочовска, но одговор не добивме. Од Психијатриската болница се огласија само со соопштение во кое се наведува дека лекарскиот колегиум одржал состанок за случајот со 17-годишниот пациент. Се отфрлаат наводите дека момчето било несоодветно третирано, односно малтретирано. Пациентот бил примен со писмена согласност од родителите.
„Разговарано е со персоналот од кого е добиена изјава дека врз него не е применет несоодветен третман. Констатирано е дека психофармаколошкиот третман е адекватен и со медицина базирана на докази. Редовно е остваруван контакт со семејството, кое редовно и континуирано е известувано за неговата состојба и третман и дека оваа установа не е соодветна за негово лекување“, велат од Психијатриската болница во Демир Хисар.
И од Здравство сметаат дека момчето било третирано според протоколите. Министерот Меџити рече дека детето било лекувано со медицина базирана на докази и дека во одредени ситуации е неопходно физичко ограничување на пациентите. Неговата мајка обвини дека нејзиниот 17-годишен син бил врзуван и тепан во психијатриската болница Демир Хисар, оти бил агресивен. Таму го однеле пред еден месец, а си го зеле дома во многу лоша состојба и со рани по целото тело, па дури неможело да стои на нозе.
Милчо Велески
