Законот за амнестија влезе во Собрание, Ковачевски најави амандмански интервенции
Законот за амнестија влезе во Собрание. Нема европско знаменце, ќе се носи по скратена постапка. СДСМ најави амандмански интервенции ако има индиции за амнестија на функционери и осудени за случајот „Монструм“. ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира ако се злоупотреби процедурата…

Пратениците од парламентарното мнозинство, од владејачката коалиција СДСМ ќе поднесат амандман за Законот за амнестија предложен од министерот за правда Лога, најави премиерот Димитар Ковачевски. Ова е поради можноста осудените за случајот „Монструм“ да бидат опфатени со Законот за амнестија. Премиерот рече и дека законот веќе е доставен до Собранието, без европско знаменце, но по скратена постапка и дека сите пратеници имале можност да го видат.
Премиерот е отворен за различните мислења кои доаѓаат од редовите на Владата. Со сегменти од овој закон не се согласуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
ВМРО-ДПМНЕ со став дека не ги поддржуваат предлог-измените на Законот за амнестија. Од партијата најавија дека доколку на опозицијата ѝ се одземе правото за дебата, односно законот се усвои со европско знаменце, пратениците ќе го напуштат Собранието.
Лидерот на партијата имаше средба со пратеничката група. Мицкоски категоричен-нема уставни измени под бугарски диктат. Побара Европа да не дозволи во 21-от век да надвладеат руските интереси на Балканот.
Претседателот на Судскиот совет, Георгиев очекува транспарентност при усвојување на Законот за амнестија и побара вклученост на судската фела во процесот.
Во однос пак на условувањата на лидерот на БЕСА, Касами, за поддршката за уставните измени на сметка на дополна на Законот за јазици, Ковачевски рече дека овој закон е дел од Охридскиот рамковен договор, во кој тој не учествувал и токму затоа е потребна поширока дебата.
За состанокот, пак, со поранешниот премиер Заев, Ковачевски рече дека тоа било продуктивна средба, на која се разменувале искуства и на која се дискутирало за евроинтеграцискиот пат на земјава.
Марина Стојанова-Тонева
