Косово

Уапсен организаторот на нападот во Бањска

03.10.2023 17:14

Уапсен Радоичиќ, организаторот на нападот во Бањска. Цивилната одбрана и Северната бригада се две терористички организации, тврди премиерот Курти. Вучиќ обвинува за зголемен прогон на Србите во Косово…

Српската полиција го приведе Милан Радоичиќ, организаторот на инцидентот во селото Бањска, во северно Косово. Извршени се претреси во станот во Белград и во други простории, на Радоичиќ му е одреден притвор од 48 часови. Косовскиот премиер Курти во Приштина посочи две организации, кои ги нарече терористички, за учество во нападот. Цивилната одбрана и Северната бригада, кои веќе биле прогласени за незаконски во јуни годинава.

„По овие терористички напади ќе биде важно да не се однесуваме како ништо да не се случило. Мора да има последици и сите извршители мора да преземат одговорност за учеството во терористичкиот напад. Нашето европско членство не смее да биде заложник на тие кои не споделуваат иста стратегиска визија“, изјави косовскиот премиер, Албин Курти.

Претседателот Вучиќ во изјава за СИ-ЕН-ЕН изјави дека Курти ќе продолжи со прогон на Србите. Вели дека за време на владеењето на Курти имало 427 инциденти меѓу Србите и дека 10 насто од населението веќе заминало од северно Косово. Белград бара и мировно решение, но и поголемо присуство на КФОР на северот од Косово. Министерот за одбрана вели дека истото оружје го имаат и српските и косовските безбедносни сили.

„Добро е да се обезбеди дополнително присуство на единиците на КФОР на Косово во областите каде што живеат Србите за да се осигури нивната безбедност во одредена мера“, рече Милош Вучевиќ, министер за одбрана на Србија.

Српската војска го преполови бројот на единиците на, како што вели Белград, административната граница. Вашингтон побара и официјална потврда на повлекувањето, повика на продолжување на преговорите под покровителство на Унијата. На вонредната седница на Европскиот парламент главна тема беше новонастаната состојба во Косово, за што Брисел треба да донесе резолуција кон крајот на месецов.

Зоран Богатинов