Додовска: СДСМ покажува безидејност и прави штета на државата
Пратеничките места на првата работна седница останаа празни, но сеуште и без информација до собраниските служби за следниот потег...

Безидејност и желба да се создаде перцепција кај јавноста дека 34- те мандати на опозициската СДСМ се верификувани надвор од уставната процедура. Вака универзитетскиот професор Додовска, го коментира молкот на опозициската СДСМ, три дена по одлуката на Управниот суд. Пратеничките места на првата работна седница останаа празни, но сеуште и без информација до собраниските служби за следниот потег. Ова според Додовска е само обид за купување на време и држење на статус-кво позиција.
„Социјалдемократите ниту имаа ниту имаат намера да ја запазат процедурата, доколку се решени да дадат неотповикливи оставки на добиените пратенички мандати. Понатаму со ова се очекува да се обидат повторно да продуцираат некоја политичка криза со која не само што внатрешно ја разединуваат македонската држава, туку навистина сериозно испраќаат лош сигнал до меѓународната заедница, и на овој насилен пат веројатно сакаат да влијаат на препораката за членство во Европската унија и останатите пристапни интеграциски процеси“, смета универзитетскиот професор Иванка Додовска.
На седницата констатирана оставката на пратеникот Руфи Османи. Тој, како што веќе најави поради лошиот изборен резултат се повлече и од челната позиција во партијата и писмено го информира Собранието за оставката на пратеничката функција.
„До почетокот на Седницата не сум известен дека пратеникот Руфи Османи има намера да ја образложи оставката на Собранието. Констатирам дека на пратеникот Руфи Османи му престанува мандатот пратеник во Собранието на Република Македонија“, соопшти претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
Собранието на првата работна седница донесе одлука за избор на тројца потпретседатели како и за формирање на Собраниските тела.
Виолета Димовска
