Гранични контроли од Австрија и Чешка кон Словачка
Иако сè уште недоговорена новата спогодба на Европската унија за спротивставување со новиот бран незаконска миграција, поединечно земјите членки почнаа да воведуваат засилени контроли на сопствените граници. Тоа од ноќеска го сторија Австрија и Чешката Република кон Словачка, поради алтернативните патеки на мигрантите од Африка и од Блискиот Исток...

Миграцијата и натаму е предизвик за Европската унија. По воведувањето контроли од Берлин кон Варшава, и Чешка и Австрија го сторија истото, но кон Словачка. Контролите ќе се спроведуваат во наредните 10 дена, но можно е нивно продолжување. Тие се пробни за да се спречат криумчарите на овој вносен, организиран криминал, да ги користат алтернативните патеки, коментираше австрискиот министер за внатрешни работи, Карнер. Чешка ќе распореди 130 полицајци на границата кон Словачка.
„Сега сме на граничниот премин Шанце, недалеку од Јаблункова. Откако почнавме со акцијата, пресретнавме група од 19 мигранти, од кои три деца. Беа во комбе со полски регистарски таблички. За жал, пред да дојде патролата која беше на должност, возачот и криумчарот исчезнаа во шумата и сè уште ги бараме“, изјави Томаш Кужел - директор на регионалната полиција на моравскиот регион.
Чешкиот министер за внатрешни Ракушан, оцени-контролите ќе помогнат за поефикасна борба со миграцијата.
Најмногу мигранти преку Словачка во Европската унија пристигаат од Африка и од Блискиот Исток.
„Сите контроли се случајни, ги правиме подолго време, а сега ги засиливме поради зголемениот број мигранти од странство“, изјави Давид Чалупка-портпарол на јужната моравска полиција.
Набрзо се очекува и Полска да ги воведе истите мерки кон Словачка. Мандатарот на новата влада Фицо, само една седмица по победата на изборите во Словачка, се соочи со новиот предизвик со контролите на границите наметнати од соседните земји членки на Европската унија. Фицо на изборите беше против финансиска и воена опрема за Украина.
Зоран Богатинов
