Воен конфликт

Затвор од 8,5 години за руската новинарка Марина Овсијаникова

04.10.2023 15:29

Затвор од 8,5 години за руската новинарка Марина Овсијаникова, која телевизиски и во живо протестираше против руската инвазија врз Украина- реши московскиот суд. Таа обвинението го нарече апсурд. И по повеќе од една и пол година, во Украина и натаму се водат жестоки борби. Во Русија се огласија сирени за тревога како дел од масовните вежби за можен директен воен конфликт со НАТО…

Затвор од осум и пол години за руската новинарка Марина Овсијаникова која во живо протестираше против руската инвазија врз Украина. Московскиот суд ја осуди во отсуство, прогласувајќи ја виновна за „свесно ширење лажни информации“. Лани новинарката со својата ќерка ја напушти Русија, додека беше во домашен притвор. Обвинението го нарече апсурд.

„Тоа беше моја антивоена одлука, сама ја донесов бидејќи не ми се допаѓаше Русија да ја почне оваа инвазија. Беше навистина страшно“, рече Овсијаникова.

И по повеќе од една и пол година од протестот на Овсијаникова, во Украина и натаму се водат жестоки борби. Зеленски уште еднаш обвинува за силен руски терор на истокот од земјата.

„Исклучително е важно што Харков, и покрај сè, не само што се држи, туку помага да се одржи нашиот исток цврст. Со постојаниот руски терор и обидите на окупаторот да ги интензивира нападите врз нашите позиции, регионот се соочува со сериозни предизвици пред почетокот на зимата“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Руската воздухопловна одбрана спречила обид на украински командоси да слетаат на Крим. Од Министерството додадоа дека собориле 31 беспилотно летало над регионите Белгород, Брјанск и Курск.

Како дел од масовните вежби за тестирање на подготвеноста на агенциите за вонредни состојби, низ Русија се огласија сирените за тревога, а телевизиските станици накратко ги прекинаа редовните преноси за да ги емитуваат предупредувањата.

„Внимание на сите! Се проверува подготвеноста на системот за јавно предупредување! Ве молиме бидете смирени!“

Вежбите следуваат по серијата напади со украински дронови и предупредувањата од руските официјални лица дека поддршката на западот за Украина ја зголемила заканата од директен воен конфликт меѓу Русија и НАТО.

Украина би можела да се приклучи на европското семејство во 2030-та година, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Брисел проценува дека Киев ќе има право на фондови од 186 милијарди евра по пристапувањето.

Бојана Крстевски