Фудбал, пријателски натпревар во Куфштајн

Македонија загуби од Камерун, селекторот без многу причини за задоволство

26.05.2014 22:01

Македонската фудбалска репрезентација загуби со 2-0 од селекцијата на Камерун, во пријателски натпревар во австрискиот град Куфштајн. „Црвено-жолтите“ го доживеаја првиот пораз под водство на селекторот Бошко Ѓуровски, којшто ако се суди според вечерашните 90 минути на нашиот тим, сигурно ќе се соочи со многу бессони ноќи до септемврискиот почеток на наредниот евроквалификациски циклус.

Македонската фудбалска репрезентација загуби со 2-0 од селекцијата на Камерун, во пријателски натпревар во австрискиот град Куфштајн. „Црвено-жолтите“ го доживеаја првиот пораз под водство на селекторот Бошко Ѓуровски, којшто ако се суди според вечерашните 90 минути на нашиот тим, сигурно ќе се соочи со многу бессони ноќи до септемврискиот почеток на наредниот евроквалификациски циклус.

Три години по поразот во Скопје, Македонија уште еднаш потклекна пред Камерун. Овој пат во контролен дуел на крајот на сезоната, со комбиниран состав во којшто настапија повеќемина кои ретко или воопшто не добивале шанса, а селекторот сакаше да види на кои од нив ќе може да смета од септември. На неговите избраници им требаше време да се прилагодат на новата формација 4-3-3 и особено на ангажираната игра на камерунските фудбалери, коишто даваа максимум во желбата да му се наметнат на селекторот Финке и да се најдат на конечниот список за Мундијалот.

Надиграна во поле, особено во средниот ред, во првиот дел Македонија упати само еден поопасен шут од далечина, на Трајковски во 43-та минута. Се играше главно пред нашиот казнен простор, а Камерунците двапати се заканија. Секоја загубена топка на триесетина метри од голот на Пачовски беше закана по нашиот гол. Во 16-та минута Чупо Мотинг погоди пречка, а во продолжение на акцијата Нгуемо го загреа нашиот голман. Пачовски се најде во проблем и на минута пред одморот, кога одново се обиде Нгуемо.

Сепак, нашиот искусен голман не можеше да спаси во 51-та минута, кога по шутот на Олинга, Вебо на атрактивен начин погоди за водство на Камерун од 1-0. Притоа го повреди рамото и мораше да излезе. Во 69-та минута Чупо Мотинг пропушти втора можност за гол, но Пачовски пак беше на ниво, по што Македонија веднаш можеше да казни. Во акцијата на резервистите, Јаховиќ во 70-та минута идеално го пронајде Илијоски, којшто од одлична позиција биеше само во противничкиот голман. Тоа беше златна шанса којашто можеше да не врати во мечот. Се заканивме потоа само уште еднаш, кога Јаховиќ и Ристевски не успеаја да го искористат киксот на голманот Нди во 78-та минута.

Место израмнување, 2-0 за Камерун. Грнчаров не исфрли најдобро, а Чупо Мотинг заслужи да се впише меѓу стрелците во 84-та минута. Тоа беше и конечниот резултат, бидејќи Идрису пред самиот крај имаше идеална шанса, но Пачовски не доволи и третпат да биде совладан.

По четири дена, во италијански Риети, Македонија ја очекува тест-натпревар и со Катар.