Здравство

Нема пари за биолошка терапија за болните од канцер

04.10.2023 16:08

Нема доволно пари за биолошка терапија за сите болни од канцер. Условениот буџет и зголемениот број новодијагностицирани оставаат многумина без потребниот лек, велат од Онкологија. Здруженијата со апел да не се крати буџетот за здравство...

Иако државата досега обезбедила 1,3 милијарди денари за скапата биолошка терапија за лекување канцер, парите не се доволни. Средствата со кои, според процените на Фондот, требало да се истурка годината, се потрошиле до крајот на летото. Клиниката за онкологија добила нова финансиска инјекција, но и покрај тоа – пациенти се враќаат без да го примат потребниот лек.

Директорката на Клиниката за онкологија, д-р Виолета Клисарова, за МТВ вели дека сака да набави најефикасна терапија, но нема пари за скапите ампули кои им се неопходни на голем број пациенти.

Државата за годинава скрои буџет што е најголем во три децении постоење, но ги скрати парите за здравство. Нема доволно за лекови, а нема ниту за превенција, која е инвестиција, не трошок, реагира Борјан Павловски од ЕСЕ.

За да се постигне европскиот просек на превентивни прегледи за детекција на рак на дојка и рак на грлото на матка, потребно е двојно зголемување на парите за оваа намена. Детекцијата на канцер на дебело црево е пилот-проект.

Изминативе години од ЕУ реагирале до надлежните во земјава за кратењето на средствата за програмите од година на година, но никој не реагира, вели Павловски.

Наташа Јанчиќ Менковски