Предлог-законот за амнестија е во Собранието, партиите со непроменети ставови
Законот за амнестија е веќе во Собранието. Политичарите треба да ја информираат јавноста што предлагаат и што гласаат, процесот да биде транспарентен-порача американската амбасадорка Агелер. ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта дека сака да амнестира најтешки криминалци за политички цели. СДСМ најави амандмани…

Законот за амнестија во собраниските лавиринти. Се чека министерот Лога за да стартува расправата. Партиите не ги менуваат ставовите. СДСМ повтори дека целта на овој закон е да се обезбедат похумани услови во затворите. Според нив, ќе се амнестираат затвореници за полесни кривични дела, а на одредена категорија затвореници ќе им се намали казната за околу 30 насто. Ќе побараат дополнителни информации за одредени кривични дела кои се предвидени во законот.
Во ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека ќе го блокираат предлог-законот со амандмани за да се спречи неговото донесување и да се ослободат, како што велат, ноторни криминалци кои би може да бидат злоупотребени за политички цели. Велат, власта овие закони ги носи предизборно за да и послужат за валкани работи.
Американската амбасадорка се огласи за Законот за амнестија. Вели овој процес треба да се одвива на транспарентен и легален начин, за граѓаните да знаат зошто се носи ваков закон.
Предлог-законот за амнестија вчера влезе во собраниска процедура по скратена постапка, но нема да оди со европско знаменце.
Игор Панов
