Трагична сообраќајна несреќа во Венеција
Тридневна жалост во Венеција. 21 починат, трагична сообраќајна несреќа. Во автобусот што се запали најмногу Французи, Шпанци, Хрвати и Украинци. Најмалку шестмина се со сериозни повреди …

Венеција, но и Италија се во неверица поради трагедијата со автобусот што се случи во областа Мештре во близина на градот на гондолите. Прогласена е тридневна жалост поради 21-та жртва, меѓу нив има и деца. Идентификувани се седум загинати, петмина Украинци, еден Германец и еден Италијанец. Полицијата и пожарникарите, но и властите во префектурата ги посочија можните причини како и текот на спасувачката операција.
„Автобусот се запали, најпрвин го гасневме пожарот, ги извлекувавме живите патници од возилото. За некои од нив сепак немаше спас“, изјави Лука Кари, шеф на одделението за тревога на италијанските пожарникари.
„21 загинат, од нив двајца малолетници, 15-мина се повредени, 11 од нив ги идентификувавме. Има од различни националности, Французи, Шпанци, Хрват, Украинец, возачот на автобусот беше Италијанец. И тој загина“, изјави Микеле Ди Бари, префект на Венеција.
„Тој е професионалец. Ова се случи на пат кон центарот на градот. Автобусот беше нов, возачот беше професионалец. Брзината беше мала, не разбираме како можеше ова да се случи. И одеднаш 20-мина се најдоа на земјата“, рече Лука Масимо Фјорезе, извршен директор на автобуската компанија.
„Прогласивме тридневна жалост, сè уште имаме 15-мина повредени од кои пет до шестмина сериозно. Имаме и две девојчиња од три години и брат на едното од нив од Австрија. Вистинска трагедија“, изјави Лука Заја, гувернер на областа Венето.
Во спасувачката операција учествуваа 60 пожарникари. Автобусот од автопатот се урна врз железнички шини, по десетчасовни напори, хаварисаното возило со два крана беше дислоцирано од местото на несреќата.
Зоран Богатинов
