Венко Андоновски добитник на Толстоевата награда за „Папокот на светлината“
Романот е објавен во руски превод на еминентната македонистка, преведувачка на над 70 книги од македонски автори и афирматор на македонската култура, Олга Панкина. Олга Панкина ја доби годинешнава награда „Јасна Полјана“ за најдобар превод на руски јазик, за романот на Андоновски...

Добитник на меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“ за 2023 година е Венко Андоновски, со романот „Папокот на светлината“.
Романот е објавен во руски превод на еминентната македонистка, преведувачка на над 70 книги од македонски автори и афирматор на македонската култура, Олга Панкина. Олга Панкина ја доби годинешнава награда „Јасна Полјана“ за најдобар превод на руски јазик, за романот на Андоновски.
Ова, на вчерашната церемонија на соопштување на добитникот во Бољшој театарот во Москва, го соопшти жирито составено од еминентни руски писатели: Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој), Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владислав Отрашенко и Павел Басински.
Од 30 номинации од 16 земји и пет континенти, жирито во категоријата „странска литература“ се реши за потесен избор од осум наслови: Палата на соништата на Исмаил Кадаре (Албанија), Внука на Бернхард Шлинк (Германија, познат по романот и филмот „Читачот“), Зимски војник на Даниел Мејсон (САД, познат по „Пијано штимер“), Пиштарки на Фернандо Арамбуру (Шпанија), Кожурец на Џанг Јуеран (Кина), Звукот на нештата што паѓаат на Хуан Габриел Васкез (Колумбија), Ветување на Дејмонд Галгут (Јужна Африка) и Папокот на светлината на македонскиот писател Венко Андоновски.
Одлуката за наградата е донесена едногласно.
Романот „Папокот на светлината“ го првообјави издавачот „Три“ од Скопје, и за девет месеци доживеа четири македонски изданија (4.000 примероци), а ја доби и наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија.
