Здравство

Стабилна состојбата со Ковид-19 во Куманово, болницата има недостиг од медицински персонал

05.10.2023 14:47

Стабилна е состојбата со Ковид-19 во Куманово, информира новоназначената директорката на кумановската болница. Таа во моментов ги прави анализите за подобрување на услугите во најголемата општа болница во земјава. Вели неопходни се нови вработувања, а ќе се заложи и за набавка на нова опрема...

Недостигаат лекари специјалисти, медицински сестри, но и хигиеничари во Општата болница во Куманово, информира штотуку назначената директорка Ивановска. Таа вели дека се чека на согласност од Министерството за здравство за нови вработувања. И покрај тоа, персоналот посочува, одговара на сите потреби на граѓаните. Вели, ќе се даде поддршка на доедукација на заинтересираните.

„Секој оддел има задача да достави листи на приоритети, дали се работи за реконструкција на работна површина или се работи за набавка на нова апаратура неопходна за работа и услуга на пациенти. Откако ќе бидат доставени листите ќе одлучиме што во 2024-та година, ќе биде приоритет во однос на набавка и реконструкција“, вели новоназначената директорка на кумановската болница, Биљана Ивановска.

Ивановска укажа дека ќе се работи и на набавка на нова апаратура и модернизација на здравствени услуги. Паралелно пристига претходно набавената опрема за очниот оддел, каде од следната седмица треба да се вратат оперативните зафати. Набавени се и апарати за одделите за анестезија и гинекологија. Новата директорка, претходно вработена како психолог, ќе се заложи и за отворање центар за ментално здравје. Кумановската болница оваа сезона, вели, ќе се затоплува на гас и веќе нема да придонесува за аерозагадувањето во градот.

Во однос на состојбата со Ковид–19 во Куманово, информираат надлежните, е стабилна. Клиничката слика на лицата кои се јавуваат на инфективниот оддел е блага и не бара хоспитален третман.

Кумановската болница опслужува околу 200.000 жители од североистокот.

 

Елена Георгиевска