На истокот од Украина тензично, Порошенко најави интензивирање на акцијата

27.05.2014 09:48

Медиумите јавуваат дека во интензивни борби на аеродромот и железничката станица во Доњецк, има голем број повредени и загинати од редовите на проруските сепаратисти...

Мирно утро по жестоките судири на истокот на Украина, непосредно по претседателските избори на кои во првиот круг победи олигархот Петро Порошенко.

„Ќе се погрижам за мирот во источниот дел на земјата, во тој дел мора да се спроведуваат законите и да се врати војската. Но, не за неколку месеци туку за неколку часа“, изјави Порошенко.

Медиумите јавуваат дека во интензивни борби на аеродромот и железничката станица во Доњецк, има голем број повредени и загинати од редовите на проруските сепаратисти, но бројот постојано расте. Најмалку 35-мина загинале кога со ракетен минофрлач е погоден камион во близина на аеродромот во Доњецк, кој претходно беше окупиран од војската на самоодбраната на регионот.

„Ситуацијата на аеродромот и во околината е многу напната. Ќе воведеме воени закони. Порошенко рече дека антитерористичката акција нема да запре, тоа значи дека судирите ќе продолжат и ќе се интензивираат“, рече Денис Пушилин, самопрогласен претседател на Новорусија.

Русија го повика Киев да ги прекине воените интервенции над својот народ и побара од ОБСЕ да почне со истрага за судирите. Еврокомесарот за енергетика  Гинтер Отингер по средбата со рускиот министер за енергетика Александар Новак и украинскиот колега Јуриј Продан најави постигнување договор околу проблематичната испорака на гас, ако Украина до 29 мај и исплати 2 милијарди евра на Русија.

 

Марија Петковска