САД ќе испрати запленето оружје од Иран на Украина
САД и испратија на Украина повеќе од еден милион парчиња иранска муниција што беше запленета минатата година. Претседателот Бајден, најави дека наскоро ќе ги изнесе аргументите – зошто е важно Украина да успее...

САД и испратија на Украина повеќе од еден милион парчиња иранска муниција што беше запленета минатата година.
„Американската влада префрли 1,1 милион парчиња муниција од мало оружје за украинските пешадиски единици. Ќе продолжиме да преземаме активности за да ја поддржиме во нивната борба за слобода“, изјави Карин Жан-Пјер – портпарол во Белата куќа.
Помошта пристигна во време кога континуираната финансиска поддршка на САД е под знак прашалник поради отворениот отпор на неколкумина републиканци за дополнително финансирање од 13 милијарди долари за Украина. Претседателот Бајден, најави дека наскоро ќе ги изнесе аргументите – зошто е важно Украина да успее.
„Наскоро ќе објавам голем говор на кој ќе се изјаснам по ова прашање и зошто е критично важно за САД и нашите сојузници да ја задржиме нашата посветеност“, изјави Џо Бајден – претседател на САД.
Стејт департментот тврди дека и покрај историското соборување на пратеникот Мекарти, мнозинството во двата дома ја поддржува континуираната помош за Украина. Зеленски рече дека ја чувствува поддршката и е убеден оти така ќе биде и во иднина. Потенцираше дека контраофанзивата продолжува и дека ќе направи се за Киев да ја добие војната.
„Правиме се од себе да и обезбедиме на Украина повеќе системи за противвоздушна одбрана пред зимата. Патем, очекуваме и одредени одлуки од нашите партнери. Мора да ги заштитиме и обновиме критичните објекти што е можно побрзо пред зимата“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Пресметките продолжуваат на двете страни. Украина соборила над 20 беспилотни летала во рускиот контранапад од Крим. Кремљ обвинува дека режимот на Киев ги користи војниците како жив штит.
„Украина продолжува да ги користи војниците како топовско месо. Целта да ги жртвуваат до последниот Украинец веќе не е тајна. Порано или подоцна, на војниците нема да им се допаѓа да го слушаат ова секој ден“, рече Дмитриј Песков – портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.
Во меѓувреме, Украина ја презеде одговорноста за уништениот противвоздушен систем с-400 во близина на Белгород.
Бојана Крстевски
