Конференција „Моќта на изборот“: Со дијалог да се засили гласот на маргинализираните жени и девојки
Премногу жени и девојки ширум светот го немаат основното човеково право, да донесат одлука за своето тело – посочи сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска на регионалната конференција „Моќта на изборот“. Министерката за труд и социјала, посочи дека Владата го променила Законот за прекин на бременоста, овозможувајќи и на жената лично да одлучува за своето тело...

Да поттикнеме дијалог и да ги засилиме гласовите на оние кои долго време се маргинализирани. Премногу жени и девојки ширум светот го немаат основното човеково право, да донесат одлука за своето тело – посочи сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска на регионалната конференција „Моќта на изборот“. Затоа вели, треба да работиме во насока на донесување на значајни промени.
„Преку овој собир, имаме за цел да поттикнеме дијалог и да ги засилиме гласовите на оние кои долго време се маргинализирани. Овде сме да слушаме, да учиме и да трасираме пат напред кој ќе ја почитува и кој ќе ја поддржува автономијата, достоинството и правата на жените и девојките“, рече сопруга на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска.
Министерката за труд и социјала, посочи дека Владата го променила Законот за прекин на бременоста, овозможувајќи и на жената лично да одлучува за своето тело.
„Жал ми е што вакво основно човеково право треба да го наведеме како успех, жал ми е што е потребна законска измена за да и гарантираме на една жена дека има право и дека заслужува да одлучи за себе. Меѓутоа со раководство кое препознава и работи на измени кои гарантираат слободно живеење во сопствената држава не се плашам за прашањето за имплементирање на еднаквите можности и на жените и на мажите“, рече министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Адолесцентна бременост, малолетнички бракови – многу жени и девојчиња се соочени со предизвикот, покажува анализата на експертите.
Годинава се навршуваат 75 години од универзалната декларација за човекови права.
Андријана Ѓурческа
