Протест на вработените во Ски центарот Попова Шапка
На протест вработените на Ски центарот Попова Шапка, се бара од нив да потпишат откази и да конкурираат во новоформираното претпријатие Ски центар Попова Шапка ДООЕЛ Тетово. Велат дека им нудат договори на дело, затоа и одбиваат да се пријават на конкурсот...

Над 25 работници од Скијачкиот центар Попова Шапка со денови протестираат пред седиштето на центарот. Не се согласуваат со одлуката на раководството, која бара од нив да потпишат откази од „Елем Турс“ и да преминат во новоформираното претпријатие Ски центар Попова шапка ДООЕЛ Тетово, каде ќе бидат ангажирани со договори на дело.
Шабан Османи, кој речиси целиот работен век го поминал на туристичкиот центар, вели дека низ историјата се менувала фирми кои управувале со Попова Шапка, но немало никакви проблеми со вработените.
„Оваа фирма се менувале 5 до 6 пати прво била под ингеренција на општина па Југохорм па ЕСМ па потоа ЕЛЕМ немаше право да биде туристичка фирма и ние преминавме едно време од Југохром во ЕСМ без никакви проблеми“, вели Османи.
Вработените кои денес протестираа бараат од центарот поконкретно објаснување.
„Нека ни објаснат, дали сме без работа, не сме без работа, се затвора или не се затвора. Сакаме да се реши нашиот проблем или преземање или оштета, нешто да се објасни“, вели Јовановски.
Адем Авзиу управителот на новата фирма Ски центар Попова Шапка ДООЕЛ Тетово, вели дека конкурсот за новата фирма може повторно да се објави, а вработените ако се одлучат да конкурираат, после Нова година ќе добијат решенија. Целта според него е да се отвори пат за стратешкиот инвеститор.
„Одлуката на Управниот одбор на АД ЕСМ беше да се отвори оглас на определено време и пред Нова година ќе има друг оглас на неопределено, така е одлучено. Сега тие не веруваат во тоа, вработените одлучиле да протестираа и тие не конкурирале, дел од вработените аплицираа, но другите не аплицираа. Тие работни места каде никој не конкурирал се празни и ние пак може да го реобјавиме конкурсот, може пак да се пријават вработените“, вели управителот на Ски центарот Попова Шапка ДООЕЛ Тетово Адем Авзиу.
Вработените велат дека пред седиштето на Ски центарот и понатака ќе продолжат со протести, сè додека не ми се даде подетално објаснување и конкурс за вработување на неопределено време.
Зоран Димовски
