ДЗСИ: Нема прекршување на процедурите во лекувањето на 17-годишното момче со аутизам
Државниот здравствен и санитарен инспекторат со вонредниот надзор констатирал дека нема прекршување на процедурите во лекувањето на 17-годишното момче со аутизам во психијатриската болница во Демир Хисар. Министерот за здравство се сретна со мајката на 17-годишникот, Салка Абдуловска. Меџити изразил жалење за настанатата ситуација и потенцирал дека никогаш нема да дозволи несоодветен третман на пациентите...

Нема прекршување на процедурите во лекувањето на 17-годишното момче со аутизам во психијатриската болница во Демир Хисар, констатирал Државниот здравствен и санитарен инспекторат со вонредниот надзор. Момчето било сместено на адолесцентното одделение, но поради неговата агресивност кон пациентките, било преместено на машкиот акутен оддел за пациенти кои се однесуваат насилно, вели директорката Рената. Неговата здравствена состојба постојано била следена, а за тоа биле известувани и родителите. И претходно се лекувал во психијатриската болница, имало препорака за контролен преглед, родителите не го донеле. Бил медицински третиран, за што се водела уредна дневна документација. Од инспекторатот тврдат, нема измачување на пациентите во психијатриските болници.
Министерот за здравство се сретна со мајката на 17-годишникот, Салка Абдуловска. Меџити изразил жалење за настанатата ситуација и потенцирал дека никогаш нема да дозволи несоодветен третман на пациентите, особено на малолетници.
„Иако добив уверувања од менаџментот на болницата дека е постапено по сите протоколи со цел безбедност на пациентот, случајот и работењето на болницата Демир Хисар ќе биде под строг надзор на министерството. Ги охрабрувам другите институции кои почнаа постапка да ги завршат, за случајот да се расчисти до крај. Ќе направиме напори момчето да биде сместено во интернатот од училиштето за деца со посебни потреби „Партениј Зографски“ во Скопје, каде што оди во училиште“, истакнал на средбата министерот за здравство.
Мајката рекла дека семејството дополнително било вознемирено со објавување лажни фотографии во јавноста, каде биле изнесувани невистини дека се работи за нејзиното дете, прикажувајќи момче како седи на земја врзано за кревет. По наводите на мајката за нехуман третман на нејзиниот 17-годишен син и Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива за испитување на случајот. Од психијатриската болница Демир Хисар ги отфрлија ваквите наводи. Соопштија дека момчето било соодветно третирано и дека било згрижено со писмена согласност од родителите.
Милчо Велески
