Анкетната комисија за скандалот со Онкологија почна со работа
Прва седница на Анкетната комисија за случајот со Онкологија. Народните избраници во потрага дали се загрозени правата на пациентите и дали постои политичка одговорност за случајот …

И пратениците ќе бараат одговорност, но само политичка. Усвоен е деловникот. Претседателката Мизрахи најави дека ќе се сретне со поранешните министри за здравство, а на некоја од следните седници ќе бидат поканети во Анкетната комисија. Таа истакна дека комисијата нема да се претвори во парасудски орган.
Членовите на комисијата се едногласни, вистината треба да излезе на виделина. Додека пратениците бараат политичка одговорност, Обвинителството бара кривична.
Менаџментот на Клиниката за онкологија на МТВ изјави дека од надлежните бараат да се обезбедат средства за биолошка терапија бидејќи од овие лекови нема доволно за сите пациенти на кои им се неопходни.
Иако државата досега обезбедила 1,3 милијарди денари за скапа онколошка терапија, парите не се доволни. Средствата со кои, според процените на Фондот, требало да се истурка годината, се потрошиле до крајот на летото. Клиниката за онкологија добила нова финансиска инјекција, но и покрај тоа – пациентите се враќаат без да го примат потребниот лек. Тогаш здравствените работници трпат психички терор од дел од пациентите, кои ги нарекуваат со погрдни зборови.
Наташа Јанчиќ Менковски
