Прашањето за избори е апсолвирано, државата има поважен процес- му одговори Ковачевски на Мицкоски
Ковачевски од Самитот на Европската политичка заедница во Шпанија му одговори дека имале лидерска средба, може да имаат и повторно, но тоа прашање е апсолвирано бидејќи во државата има поважен процес од избори кои според него ќе бидат во својот редовен термин, а тоа е носење на одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата...

Со Ковачевски немаме дилема, постои консензус за евроинтегративните процеси на земјава, тој пат треба да се продолжи, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Според Мицкоски, треба да има лидерска средба, но за договарање на изборниот процес, да се утврдат датумите за избори, за техничка влада, да се имплементираат препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Ако Ковачевски не прифати – одговорноста е негова, вели тој.
Ковачевски од Самитот на Европската политичка заедница во Шпанија му одговори дека имале лидерска средба, може да имаат и повторно, но тоа прашање е апсолвирано бидејќи во државата има поважен процес од избори кои според него ќе бидат во својот редовен термин, а тоа е носење на одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата.
„Таа понуда сè уште важи дека можеме уште во понеделник да закажеме седница на Собранието на кои ќе бидат изгласани уставните амандмани и истиот ден да се закажат избори и да одиме на избори. Зборувам за предвремени парламентарни. Исто така, на маса е и другиот предлог, а тоа е да се отпочне процесот за уставните измени, за ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од Владата. Да се подготват изборите, притоа да биде завршен и скринингот, да бидат отворени поглавјата од првиот кластер, да затвориме едно или две поглавја и потоа да одиме на претседателски и на парламентарни избори“, изјави премиерот Ковачевски.
Мицкоски вели ние сме подготвени на кој било концепт, секако тие ќе бидат поразени. Ги коментираше и изјавите на премиерот и социјалдемократите за мал и голем Груевски, едниот што нудел споменици место иднина, а другиот што работи против евроинтеграциите.
Ана Јосифоска Тодоровска
