Од Скопје, невремето вчеравечер се пресели во Велес, Делчево, Чешиново-Облешево и Кочани

27.05.2014 10:46

Критично беше во Велес. Најлошо поминаа жителите од населбата Поток. За среќа куќите останаа непоплавени, но улицата е затрупана со кал. Екипи на ЈКП Дервен веќе работат на расчистување...

Поради поројните дождови, поплавени се улици, имаше прекин на електрична енергија, запалени кабли, паднати дрва и поплавени подрумски простории. Ова е епилогот од вчерашното невреме кое ги зафати Велес, Делчево, Чешиново-Облешево и Кочани.

Во село Соколарци, надојдената река Суводолица оштетила дел од патот, соопштува Дирекцијата за заштита и спасување, која што го повлекла тимот од Србија, а екипата спасувачи во Босна ќе остане уште 5 дена.

Критично беше во Велес. Најлошо поминаа  жителите од населбата Поток. За среќа куќите останаа непоплавени, но улицата е затрупана со кал. Екипи на ЈКП Дервен веќе работат на расчистување.

Вчеравечер во Велес се состана локалниот оперативен штаб, кој договори мерки што заеднички ќе се спроведуваат доколку се остварат прогнозите на синоптичарите велешкиот регион да биде погоден од силни врнежи на дожд. 

„Ги чекаме извештаите од населените места. Во село Kаласлари имаме информација дека треба да се интервенира поради големи наноси на земја. Ќе направиме снимања и мапирање на одредени точки во градот каде што во наредниот период поради обилниот дожд може да се појават клизишта и одрон на карпи“, изјави градоначалнкикот на Велес, Славчо Чадиев.