Мрежите „духови“, постојана опасност за живиот свет во Охридското Езеро
Хидробиолошкиот завод од Охрид го спроведе пилот проектот за отстранување на таканаречените мрежи „духови“ кои негативно влијаат на севкупниот жив свет во Охридското Езеро. На денешната тркалезна маса беше посочено дека мрежи вршат неселективен лов со децении наназад и покрај за рибите, тие претставуваат замки и другите видови во езерото…

Мрежите „духови“ ги има долж целото крајбрежје на Охридското Езеро, главно на длабочина од 5 до 40 метри длабочина, а најмногу на просторот каде што се наоѓаат природните плотишта на охридската пастрмка. Се работи за загубени или оставени рибарски мрежи кои вршат неселективен риболов, при што тие, покрај за рибите претставуваат замки и за птиците кои се хранат со риби, краби, ракови и други видови.
„Главно се изработени од материјал којшто не е биодеградибилен, односно, претежно од најлон којшто остава последици, секако не само врз животната средина, туку и живиот свет којшто го населува Охридското Езеро“, изјави Орхидеја Тасевска, директор на Хидробиолошки завод – Охрид.
„Од Хидробиолошкиот завод имаат направено напори и во минатото, а она што сега ние успеавме да го направиме е отстранување на околу 74-75 рибарски алати во оваа кампања“, изјави Вероника Микос, меѓународна организација „HEALTHY SEAS“.
Во оваа кампања беа отстранети два километри мрежи, а во онаа од 2017-та над 20 километри.
Мрежите духови никогаш не го завршуваат процесот на ловење и со децении влијаат драматично на живиот свет во езерото. Тие особено негативно влијаат на природните плодишта на пастрмките.
„Едно што е најважно дека пастрмските видови не мрестат на место каде што има трулеж на риба“, вели Душица Илиќ Боева, научен работник во Хидробиолошки Завод Охрид
„За да се детектираат сите локации кои се потребни за овој дел на активноста, моравме да направиме доста нуркања на доста локалитети и така да одредиме приоритети за вадење на тие мрежи“, изјави Милутин Секулоски Миќо, од нуркачки центар „Амфора“ Охрид.
Поради тоа експертите укажаа дека е потребна поголема координација помеѓу релевантните институции кои се задолжени да го заштитат Охридското Езеро, што во минатото не беше случај.
Сашо Нелоски
