Македонија

Струга со сериозни обвинувања до Општина Охрид и медиумите

06.10.2023 13:30

Општина Струга со сериозни обвинувања до охридската локална самоуправа и медиумите. За неуспешното спроведување на препораките на УНЕСКО, Струга вината ја лоцира во Општина Охрид и новинарите. Градоначалникот на Охрид вели непринципиелно е за неодговорно работење да обвинува раководство кое е на црната листа на САД. Реакција пристигна и од ЗНМ …

Општина Струга со сериозни обвинувања до локалната самоуправа на Охрид и медиумите. Вината за потешкотиите поврзани со УНЕСКО на работниот состанок со мешовитиот експертски тим за заштитата ја лоцира во шпекулации од медиумите и Општина Охрид.

Во официјалното соопштение на струшката локална власт се вели -сите инсинуации, шпекулации и напади за градот и локалната се невистинити, и доаѓаат од медиумите, Општина Охрид и нејзините раководители.

„За жал, мора да истакнеме дека најголемиот дел од проблемите и потешкотиите кои настанаа и сè уште постојат во Охридскиот регион произлегува од Општина Охрид и нејзините раководители, кои постојано, под патерицата на од нив платени медиуми, организации и лобисти, ја напаѓаат нашата Општина за секаков аспект во секое време и место, без никакви аргументи“-стои на официјалната објава од Општина Струга.

Да се осудат да коментираат за неодговорно работење оние чие раководство е впишано на меѓународните црни листи за разно-разни злоупотреби во најмала рака е непринципиелно, одговори градоначалникот Пецаков, кој бара јавно извинувања од Општина Струга.

„Искрено сум изненаден затоа што ниту официјално ниту неофицијално не сме ја спомнале општина Струга во однос на спроведувањето на препораките на УНЕСКО. Ние како Општина Охрид ќе испратиме официјално писмо, односно обраќање до Општина Струга од која ќе побараме извинување за изнесените наводни наводи“, истакна градоначалникот Кири Пецаков.

За обвинувањата од страна на Општина Струга до медиумите пристигна и реакција од Здружението на новинари на Македонија. Велат ова ќе биде впишано во годишниот извештај како негативен пример и обид за замолчување на новинарите.

 

Соња Рилковска