Македонија

МОН: Испорака на учебници за шесто одделение ќе се врши и за време на викендот

06.10.2023 15:50

Задолжените за испорака се максимално одговорни и ангажирани, во договорот со училишните раководства ќе испорачуваат учебници и во текот на овој викенд, информираат од МОН.

Учебниците за шесто одделение кои се веќе одобрени од Националната комисија за учебници и имаат добиено ЦИП запис, веќе се печатат и испорачуваат до училиштата. Задолжените за испорака се максимално одговорни и ангажирани, во договорот со училишните раководства ќе испорачуваат учебници и во текот на овој викенд, информираат од МОН.

Учебниците по албански јазик и природни науки на македонски јазик за шесто одделение за кои по одобрувањето од Националната комисија за учебници, добиен е ЦИП запис на 27ми, односно 29ти септември, додека договорите со авторите се потпишани на 2 октомври, се влезени во процес на печатење и испорака.

Учебниците, пак, по македонски јазик и природни науки на албански јазик добија ЦИП запис на 4 октомври, додека договори со авторите се склучени денес и веднаш се предадени на одбраниот економски оператор за графичко уредување, печатење, по што дистрибуцијата ќе се спроведе во текот на следната недела.

За учебникот по математика, денеска е потпишан договор со авторите.

Министерството за образование и наука потсетува дека согласно планот за реформирање на основното образование, во новата учебна година нови наставни програми се изработени за трето и шесто одделение и врз основа на истите, учениците добиваат и нови учебници. Учебниците за трето одделение се целосно испорачани минатиот месец.