Нов ценовен шок, стотици производи под притисок на зголемен ДДВ
Нов ценовен шок за граѓаните. Стотици производи под притисок на зголемен Данок на додадена вредност. На долгата листа има и продукти од широка потрошувачка. ВМРО-ДПМНЕ бара да се вратат со 5% ДДВ…

Нов ценовен шок за граѓаните. Во маркетите веќе се залепија нови цени на производите, ќе се даночат за 10 проценти повеќе. Стотици производи под притисок на зголемен ДДВ добија повисоки цени. Иако имаше најава дека ќе бидат опфатени само луксузните продукти, граѓаните ги пречекаа поскапени цвекло, компоти, но и храна за деца. Велат, не успеваме да испазариме сè што ни е потребно бидејќи е скапо.
„Празни торбите, не успеваме да испазариме сè што ни треба.“
„И да има четиричлено семејство илјада евра, колку што велат дека чини корпата, па тие пари само за храна ќе одат.“
„Високи се цените секаде, тоа е светски тренд.“
„Цената на лебот и шеќерот не е само покачена, сè друго е покачено“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Власта убедува дека ќе ја коригира стапката на ДДВ кај дел од нив. Вицепремиерот Битиќи признава дека има пропусти дека на листата се наоѓаат и производи што граѓаните ги користат во секојдневната исхрана.
„Сметам дека досега реакциите се од прилика за 10 до 15 продукти, не гледам голем проблем за 10-ина продукти да има корекција. Дури во некои земји, сладоледот, чипсот, мастиките, кои имаат повисока шеќерна вредност и се нездрави за населението, имаат дури до три пати повисоки даночни стапки, а ние тоа не го правиме“, нагласи вицепремиерот Битиќи.
Економистите со став-покачувањето треба да биде исклучиво за луксузните производи.
„Доколку на таа листа има производи за широка потрошувачка кои на дневна основа се користат масовно од граѓаните, таквото покачување ќе има влијание врз цените, и сметам дека треба да се ревидираат стапките и 10% да биде само за луксузните производи“, изјави Благица Петрески, од Фајнанс тинк.
Производите за секојдневна употреба да се вратат на пет отсто ДДВ-опозицијата со барање до власта.
„Живееме во време на двоцифрена инфлација изминативе две години која е особено висока кај храната и надминува 30%, а кај некои прехранбени производи и над 50%. Ја повикуваме Владата уште денес да свика седница и да ја коригира листата, и кај сите производи кои се дел од секојдневието на граѓаните да ја врати стапката од 5% ДДВ“, изјави Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Пред две недели на 50 основни прехранбени производи цената им е намалена за околу 10 насто, споредено со августовската-владина мерка за ублажување на ценовните шокови што е предвидено да трае до 30-ти ноември.
Ана Јосифоска Тодоровска