Македонија

Второ издание на „Вкуси ја традицијата“-национален саем за храна и пијалаци

06.10.2023 18:08

Ова е втора година по ред да се одржи саем со ваков обем, на кој ќе се претстават повеќе од 400 производители, кои заеднички ќе ги презентираат македонското земјоделство и гастрономија.

Националниот саем за храна и пијалаци „Вкуси ја традицијата“ ќе се одржи утре со почеток во 11 часот, на просторот пред езерцето во Градски парк Скопје, информираат од Министерството за земјоделство.

Ова е втора година по ред да се одржи саем со ваков обем, на кој ќе се претстават повеќе од 400 производители, кои заеднички ќе ги презентираат македонското земјоделство и гастрономија.

На просторот во Градски парк, ќе бидат поставени 80 штандови, над 400 учесници ќе презентираат околу 2.000 производи, ќе се подготвува вкусна традиционална храна од познати готвачи, а предвидено е и детско катче. За целосна позитивна атмосфера, посетителите ќе можат освен во вкусовите на домашна храна и пијалаци да уживаат и во звуците на музичка етногрупа „Баклава“.

Настанот е во организација на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство со поддршка од Слоу Фуд Македонија и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), а ќе се одржи под мотото „Taste life, taste tradition“ односно „Вкуси го животот, вкуси ја традицијата“.

Предвидени се поздравни обраќања на премиерот Димитар Ковачевски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, директорот на ГИЗ за Северна Македонија и Косово, Давид Оберхубер и младиот земјоделец Филип Димкоски.

Саемот „Вкуси ја традицијата“ ќе биде отворен во периодот од 11-18 часот. За сите посетители, влезот ќе биде бесплатен.