Битола

Работниците да ги пријавуваат повредите на работно место, апелираат од КСС

07.10.2023 10:52

Вработените немаат пристојна и здрава работна средина, гинат на работното место, но сепак тоа не го пријавуваат и не си ги бараат своите права. Од КСС велат огромна сума на пари се одлеваат од фондовите за компензации во однос на повреди, овие средства доколку би се искористиле за обуки и превентива на БЗР, несреќите можат да се сведат на минимум. Ги охрабруваат работниците да ги пријавуваат повредите на работно место како такви, наместо да одат на боледување …

Голем дел работниците не пријавуваат при повреда на работното место, стравуваат да не бидат отпуштени или деградирани од работната позиција. Најчесто отвораат боледување за да закрепнат. Од Конфедерацијата на слободни синдикати апелираат да не се плашат.

„Секој има право на боледување, но разликата е во тоа што доколку е повреда при работа, да се едуцираме сите ние вработени дека повредата при работа, кога ќе се докаже дека е повреда на работа, да не ја прикриваат, таа се покрива 100% од Фондот за пензиско“, изјави Славица Јанкова од синдикалниот совет за БЗР при КСС.

Од македонското Здружение за заштита при работа, во 2022 забележани се вкупно 169 несреќи при работа, од кои 22 смртни случаи. Тие велат бројката е конзервативна и во најголема мера не ја отсликува вистинската состојба. Според податоците од Институтот за јавно здравје, до 2020 во просек има околу 1.500 потешко повредени на годишно ниво

„Многу голем број имаме на непријавени повреди при работа, каде што работниците имаат спогодбено договорено со работодавачите, и на работниците им се нуди соодветна надокнада, којашто работниците ја прифаќаат“, изјави Жарко Краус, претседател на синдикален совет за БЗР при КСС.

Меѓународната организација на труд покажува дека околу 4% од БДП, во сиромашните земји се одлеваат за компензации на повредите. Според оваа пресметка, Македонија трпи директни загуби од 400 милиони евра годишно, фрапантна бројка, за нашата слаба економија.

Според статистиките, бројот на несреќи при работа е во благ пораст. Споредбено по градови, најмногу несреќи има во Скопје, Битола и Прилеп, според дејноста најмногу повредени се во преработувачката индустрија и најчесто повредените се мажи.

 

Александра Максимовска