Охрид

Роботите ќе бидат дел од нашето секојдневие

08.10.2023 12:15

Вештачката интелигенција е дел од експоненцијалните технологии која се движи со огромна брзина што од една страна го загрижува човештвото поради можноста роботите да одлучуваат наместо луѓето, а од друга можат да придонесат за изнаоѓање на одговори на мноштвото предизвици на современиот свет. Тој бран нови технологии не ја одминува и нашата земја за што говори развојот на концепт на хуманоид којшто го изработува професорот Анис Сефиданис од Универзитетот за информатички науки и технологии во Охрид. Замислено е роботот да биде вклучен во работата во хотелско-угостителскиот сектор …

Иако роботите никогаш не биле замислени целосно да го заменат човекот се чини дека во блиска иднина она што можевме да го видиме во научно фантастичните филмови ќе биде дел од нашето секојдневие. Вештачката интелигенција која се развива со енормна брзина испреплетена со роботиката ќе придонесе во одредени сегменти роботите да го заменат човекот. Работиме на робот којшто ќе користи вештачка интелигенција - вели професорот Анис Сефиданис, посочувајќи дека роботите ќе нè заменат во оној дел каде што ќе можат да дадат подобри резултати.

„Моментално работиме на концепт на хуманоид кој ќе има антропоморфен изглед, ќе биде во природни димензии на човек, ќе ги завршува сите, односно ќе ги емулира физичките и когнитивните способности. Од таму ќе може да учи од своите колеги ставен во одреден работен контекст, да им помага и на тој начин да ги автоматизира и да ги подобрува значително процесите“, изјави проф. д-р Анис Сефиданис од Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид.

Современите модели на вештачка интелигенција можат да учат од нашето однесување, а таков треба да биде и роботот на Сефиданис.

Ова е само раката на хуманоидот кој е замислено во иднина да ги служи гостите во охридските хотели и ресторани. Но, можно е тој да добие и некоја друга работна позиција.

„Ако имате робот бармен тој може да генерира илјадници коктели со идентични параметри и оттука да го зачува нивото на квалитет на услугата и да придонесе во делот на лојалноста на туристите“, вели проф. д-р Сефиданис.

Вештачката интелигенција според Сефиданис во иднина ќе понуди нови решенија во туристичката сфера, како што е на пример програмата којашто ќе биде персонализирана на профили на таргет групи што ќе придонесе за зголемување на посетеноста на Охрид и на нашата држава.

 

Сашо Нелоски