Спасовски го отвори 22. Традиционален меморијален турнир во мал фудбал „Херои на Македонија“
Покрај министерот Спасовски, свое обраќање имаше и државниот секретар при Министерството за одбрана, Владимир Анчев, а во присуство на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили...

Денеска, во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го отвори 22. Традиционален меморијален турнир во мал фудбал, во чест и сеќавање на загинатите припадници на македонската полицијата во 2001 година и настаните во Куманово во 2015 година и загинатите припадници на Армијата на Република Северна Македонија во 2001 година, а во коорганизација на Министерството за одбрана и здружението „Херои на Македонија 2001-2015“.
Покрај министерот Спасовски, свое обраќање имаше и државниот секретар при Министерството за одбрана, Владимир Анчев, а во присуство на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили.
Оддавајќи им должна почит на сите загинати припадници на безбедносните институции на Република Северна Македонија, но и на нивните најблиски, чијашто загуба останува вонвременски ненадоместлива, министерот Спасовски порача:
„Никогаш не смее да заборавиме кому и што им должиме. Тој долг не обврзува постојано да тежнееме и да бидеме подобри, почовечни, достојни и непокорни, искористувајќи ја најдобро што се може шансата што ни е дадена и која почива на највредното нешто – човечките животи!“, рече министерот Спасовски.
Притоа, тој во свое лично име и во име на припадниците на Министерството за внатрешни работи оддаде почит на загинатите припадници од редовите на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана на нивните семејства, при што го изрази своето лично, длабоко, уверување дека спортскиот и меморијален дух на оваа наша традиционална манифестација, се најдобриот влог што ќе овозможи нејзина долговечност – негувајќи го името „Херои на Македонија“.
Државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев во своето обраќање изрази почит кон споменот на загинатите припадници на Армијата и Полицијата и сочувство до нивните семејства.
„Спортот нè зближува, го поттикнува нашиот натпреварувачки дух и е достоен начин за да го одржиме сеќавањето за нивниот влог. Нашите херои секогаш ќе останат запаметени по своите дела и вечно ќе живеат во колективната меморија на сите наши граѓани, а нивните дела се инспирација којашто нè води напред“, рече Анчев, додавајќи дека наша должност е да направиме се за да го зачуваме мирот и да продолжиме да целиме кон подобра иднина, иднина која ќе биде просперитетна за сите.
