Ракетен напад од Газа, прогласена воена состојба во Израел
Нова војна се отвора во Израел. Експлозии во Тел Авив и Ерусалим. Бројот на жртви сè уште не е познат. Во тек е акција за сузбивање на терористите во Хамаз. Европската унија со осуда, повика на итен прекин на насилствата...

Воена состојба во Израел откако илјадници ракети беа истрелани од Појасот Газа. Апокалиптични сцени на улиците. Има жртви и десетици повредени. Во Ерусалим и во пошироката област на Тел Авив, сирени за тревога. На граѓаните им е наредено да не ги напуштаат домовите. Вооружени лица на Хамас ја преминале граничната ограда на неколку места и навлегле во израелските заедници.
„Ние сме во војна, не во операција. Утринава Хамас отвори убиствен ненадеен напад против државата Израел и нејзините граѓани. Дадов инструкции да се исчистат селата од терористите кои се инфилтрираа. Издадов повик до резервистите да возвратат со моќ што непријателот не го знае. Ги повикувам сите граѓани на Израел строго да ги почитуваат инструкциите на Армијата и на домашната команда. Во војна сме и ќе ја добиеме“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Нарекувајќи ја операцијата „Бура Ал Акса“, палестинската група Хамас ја презеде одговорноста за нападите, тврдејќи дека истрелале 5.000 ракети за 20 минути. Воениот командант на Хамас, Мухамед Ал-Деиф, во снимената порака повика на генерален бунт против Израел како одговор на нападите врз жени, сквернавењето на Ал Акса и тековната опсада на Газа. Од израелското Министерство за одбрана потврдија дека се во воена акција наречена „Железни мечеви“.
„Хамас направи голема грешка. Утрово почна војна против државата Израел. Израелските одбранбени сили се борат против непријателот на секоја локација. Ги повикувам сите граѓани да ги следат безбедносните инструкции од командата на домашниот фронт. Државата Израел ќе победи во оваа војна“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Неколку аеродроми во јужниот и централниот дел на земјата се привремено затворени. Но, меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во Тел Авив останува отворен и ќе работи во согласност со безбедносните упатства.
„Испративме единици на југ, сите единици за подготвени за блокади низ сите градови. Инструкциите за жителите во моментов е да се затворат во куќите, да ги заклучуваат вратите“, изјави Коби Шабтаи, шеф на израелската полиција.
Палестинските медиуми објавија дека голем број Израелци биле заробени од борци. Палестинците на окупираниот Западен Брег со оружје во рацете ја поздравија најновата воена акција. Европската унија со осуда за нападите и повика на итен прекин на насилството.
Министерството за надворешни работи ги повика граѓаните на Северна Македонија кои се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти. Според информациите на нашата амбасада во Тел Авив, седум македонски државјани се наоѓаат во градот Витлеем, на Западниот Брег којшто не е погоден од актуелните случувања.
Инцидентот е најсериозен откако Израел и Хамас водеа 10-дневна војна во 2021-та година.
Маријана Димовска
