Во Куманово фирма без лиценца сè уште зема пари од станари
Кумановска фирма со одземена лиценца продолжува да им зема пари на граѓаните, информираат од Регулаторната комисија за домување. Инспекторите уште во февруари откриле проневера на средства од резервниот фонд. Комисијата бара разрешување на случајот, но и итна измена на Законот за домување …

Со одземена лиценца од Регулаторната комисија за домување од февруари, кумановска фирма за одржување на колективно домување, сè уште продолжува да зема пари од станари, информира претседателот на Комисијата, Маџовски. Појаснува фирмата која сè уште е активна, била откриена од инспекторите за домување за проневера на пари од резервниот фонд, средства на граѓаните кои требало да се вложат за реконструкции и санации на заедничките делови од зградата.
„Ние како Регулаторна комисија и Општина Куманово ќе ги активираме сите други институции со цел да се спречи тоа девијантно дејствување и да се покренат соодветни мерки за да се казни или донесат активности од институциите за да се спречи такво нешто“, информира Зоран Маџовски, претседател на Регулаторна комисија за домување.
Комисијата во моментов има издадено 63 лиценци за управување со колективно домување на ниво на земјава. И од Секторот за инспекциски надзор од Куманово потврдуваат дека кај нив постојано пристигаат поплаки за резервниот фонд но и за други прашања.
„Доколку имаат протекување на вода од сосед тие бараат помош од нас, но надлежноста наша е за заеднички простории, но ова меѓу сосед е на суд, кога ќе им кажеш тоа е долга постапка процес, ние како инспекција не сме вештаци за да утврдиме од каде, можеби и тука ќе треба да се интервенира на Законот“, вели Бобан Бојковски, овластен инспектор Општина Куманово.
Од Комисијата за домување укажуваат дека е неопходна измена на Законот за домување, особено во делот за сумата за собирање на средства за резервниот фонд, како и едукација на граѓаните за обврската за учество во санирање на заедничките делови од колективната зграда.
Од Комисијата посочуваат дека измените се иницирани и доставени. Се чека Министерството за транспорт да го достави до Владата и Собранието. Истите велат се неопходни бидејќи Законот е донесен пред 13-ина години.
Елена Георгиевска
